– Власта наликува на стар автомобил пред ремонт кој ни вели дека ќе не однесе на натпревар на формула еден каде ќе победи, а не е способен да се придвижи на локална маалска трка. Маслото е растечено, моторот пред зарибување, а новата боја со која го префарбурваат и не убедуваат дека е најдобра постепено распукува и бледее – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешниот митинг во општина Бутел.
Мицкоски додаде дека иако Заев уште пред пет години вети дека ќе ја донесе Европската Унија во Македонија, народот точно знае дека не ја говори вистината, бидејќи Македонија со Заев на чело е се подалеку од Европската Унија.
– И не залудно велам насекаде, волкот влакното го менува, а карактерот не. Но, новината е сега дека влакното може да го сменат сто пати, ама карактерот кој не го менуваат им го научија, им го прочитаа и го распознаваат до перфекција. И кога Заев ќе каже дека Европска Унија ќе ја донел во Македонија народот точно знае дека не ја говори вистината затоа што ова го кажува 5 години по ред и ЕУ е се подалеку од Македонија. Тоа е така зашто и во ЕУ не сакаат да седат на иста меса со Заев и врз себе да си го лепат неговиот криминал, неговите афери и скандали – истакна Мицкоски.