Министерството за јавна администрација даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор по одлуката на Уставниот суд за замрзнување на алатката „балансер“ при вработувањата во јавната администрација.
-Во врска со Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.Бр.90/24 од 18 септември 2024 година, Министерството за јавна администрација даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор, опфатени во точката 1 од ова Решение, соопштија денеска од Министерството.
Оттаму посочуваат дека веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор се прекинува, ако јавниот оглас за вработување во институција од јавниот сектор е изготвен согласно актите односно одредбите кои се опфатени во точка 1 од Решението на Уставниот суд (т.е. во јавниот оглас се наведува припадност на заедница, а пак кандидатот се обврзува во пријавата да ја истакне припадност на заедница).
-Веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор продолжува, ако јавниот оглас за вработување во институција од јавниот сектор не е изготвен согласно актите односно одредбите кои се опфатени во точка 1 од Решението на Уставниот суд (т.е. во јавниот оглас не се наведува припадност на заедница ниту пак кандидатот се обврзува во пријавата да истакне припадност на заедница), се наведува во соопштението.
Во Регистарот на вработени во јавниот сектор, како што посочуваат од Министерството за јавна администрација, не се евидентираат податоците за вработените во институциите.
Уставните судии на седницата одржана на 18 септември одлучија да отворат предмет за употребата на „балансерот“ при вработувањата во јавната администрација. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, „балансерот“ ќе биде „замрзнат.
На седницата уставните судии расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од ДКСК, Дарко Костадиновски, нагласи дека апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.
Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.