Министерството за здравство и Светската банка ги разгледуваат можностите за заедничка соработка во насока на унапредување на јавното здравство и спроведување на темелни реформи во системот.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска одржа работен состанок со регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Шаошинг Ју, на кој беа нагласени клучните приоритети на институцијата.
Алиу истакна дека Министерството е целосно мобилизирано и посветено на реформи во примарната здравствена заштита и воведување на модел за долготрајна нега.
„Овие два сегмента ќе бидат надополнети и со дигитализација како фундаментален и сеопфатен процес на реформа на здравствениот систем,“ нагласи министерот.
Главната цел на реформите, според него, е подобрување на здравствените политики, поголема достапност на услугите во локалните заедници и зајакнување на превентивната заштита.
На состанокот се разговараше и за можностите Светската банка да обезбеди аналитичка, техничка и финансиска поддршка за реализација на процесите.
