Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, остро ги осуди изјавите на Петар Богојески за жените и неговите ставови за наводната потреба од „машки надзор“, оценувајќи ги како понижувачки, ретроградни и опасни за демократското општество.

Во објава на социјалните мрежи, Митева посочува дека ваквите сфаќања го навредуваат достоинството на жените и директно се спротивставуваат на основните демократски вредности. Особено загрижувачки, според неа, е релативизирањето на насилството во партнерските односи.

„Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда“, наведува Митева.

Таа нагласува дека заложбата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, под мотото „За една повеќе“, е насочена кон создавање можности за жените, нивно почитување и обезбедување слобода самостојно да одлучуваат, создаваат, водат и успеваат.

„Како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудувам ваквите ставови. Нашата заложба за ‘За една повеќе’ е токму спротивното од сè што слушнавме“, истакнува таа.

Митева оценува дека станува збор за прашање на елементарни цивилизациски вредности и дека нема простор за молк или релативизирање на ваквите пораки.

Осврнувајќи се и на медиумската застапеност на ваквите ставови, таа посочува дека слободата на говорот е темелна демократска вредност, но оти треба да се размисли колкав медиумски простор треба да им се отстапува на изјави што навредуваат и го поткопуваат достоинството на жените.