Договорете се, дајте ни текст и ние ќе го прифатиме, нормално, со вклучени препораки на ОБСЕ/ОДИХР и гласање на дијаспората, им порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на СДСМ и Левица во врска со измените на Изборниот законик. Тој ги оцени нивните реакции како политичка гимнастика и естрада.

Одговарајќи на новинарски прашања по средбата со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, Мицкоски потсети дека на измените се работело посветено неколку месеци во рамки на Парламентот.

– Сите пратенички групи работеа и усогласија текст. Текстот беше потпишан од сите, со исклучок на Левица која рече – „ние сме за овој текст, но не сме со вас да се потпишеме заедно на овој предлог“. Сега ова што се случува, последниве неколку дена, е политичка гимнастика и тоа е, претпоставувам, гимнастика за нивните поддржувачи, но суштината и вистината се дека се беше договорено и завршено додека тој предлог не требаше да дојде во Парламентот. Тогаш се појави втората политичка партија, СДСМ, која рече, „ако тие така се однесуват и ние така ќе се однесуваме“. И си најдоа причина зошто тоа да биде така. И едните и другите на отворена сцена се обидуваат од ова да направат естрада, тоа мене не ми се допаѓа зашто ни останува уште Изборниот законик, истакна премиерот.

Тој потсети дека на вчерашната координација во Собранието, ставот бил јасен – опозицијата да усогласи и да достави текст, кој потоа ќе биде прифатен.

– Нашиот став беше јасен – договорете се вие во опозицијата, направете текст и тоа што ќе се договорите ние ќе го прифатиме. Тоа е нашата позиција. И денеска од оваа прес-конференција ја испраќам истата порака – договорете се, дајте ни текст и ние ќе го прифатиме, нормално, со вклучени препораки на ОБСЕ/ОДИХР и гласање на дијапсората. Еве, како тие ќе кажат, така ние ќе прифатиме. Само нека се усогласат. До денеска немаме усогласен текст, времето си поминува, ќе дојде средина на јули, би било штета да ги изгубиме тие средства, нешто повеќе од четири милиони евра. Зошто да ги изгубиме и да не бидеме стопроцентно комплетни за сите реформи што требаше да ги испорачаме до крајот на јуни. Еве, сега велиме, имаме мала екстензија до средината на јули, подвлече Мицкоски.