На настанот ќе учествуваат претставници на Владата, ЕУ, Обединетите нации и Стопанската комора

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Скопје ќе учествува и ќе се обрати на форумот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, соопшти владината прес-служба.

Настанот е организиран од Канцеларијата на Обединетите нации, во соработка со Стопанската комора и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Покрај Мицкоски, воведни обраќања ќе имаат амбасадорот на Европската Унија во земјава Михалис Рокас, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија Рита Колумбија и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Во рамки на форумот ќе се одржат повеќе панел-дискусии посветени на усогласувањето на одржливоста, трговијата и економскиот раст во Европа, регионот и земјата, како и на иновациите, дигитализацијата, зелените инвестиции, одржливите синџири на снабдување и подготвеноста за извоз.