Мицкоски: Додека сум премиер, нема да има таква работа
Премиерот Христијан Мицкоски остро одговори на најавата на вицепремиерот Изет Меџити дека во рок од една година ќе бидат вработени 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација.
„Нема таква работа, ниту пак ќе има додека сум јас претседател на македонската Влада. Ќе се вработуваат луѓе, но тоа ќе бидат компетентни лица кои ќе одговорат на работните задачи. Партиски или етнички клучеви во вработувањата не треба да се тема на дискусија, тоа сме го кажале многу пати. Планираме да донесеме закон за правична застапеност, бидејќи претходниот закон беше поништен од Уставниот суд,“ изјави Мицкоски по посетата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто, Општина Гази Баба.
Премиерот додаде дека не исклучува можност некој да прави списоци, но нагласи дека додека тој е на чело на Владата, вакви вработувања нема да има.
Меџити: Ќе вработиме 2-3 илјади Албанци во државните институции
На партиски собир во Шуто Оризари на 20 февруари, вицепремиерот Изет Меџити најави дека Владата ќе ангажира повеќе Албанци во државниот сектор отколку што тоа било направено во два мандата на претходните албански политички субјекти.
„За една година ќе вработиме онолку Албанци, колку што другите направија за осум години во Владата. Ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација, секаде каде што има потреба од нови кадри. Ова ќе помогне да се намали еден голем проблем и ќе спречи многумина да ја бараат својата перспектива надвор од Македонија,“ изјави Меџити, кој е и министер за животна средина и просторно планирање.
Министерот Минчев: Ова е чист популизам без правна основа
По оваа изјава, министерот за јавна администрација Горан Минчев остро реагираше. Изјава на Меџити ја оцени како предизборен популизам без никаква правна основа.
„Јавниот сектор не е предизборен пазар каде што работните места се раздаваат во замена за политичка поддршка. Би го замолил господинот Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, ветувајќи нешто што не е реално и не е возможно без кршење на законите. Во моментов, сите вработувања се вршат според потребите на институциите, со претходни согласности и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници,“ порача Минчев во писмена реакција.
Претходно, министерот Минчев го укина контроверзниот балансер.
Меџити: Правичната застапеност на Албанците е уставна категорија
Неколку часа подоцна, Меџити реагираше на изјавата на Минчев, нагласувајќи дека правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставно загарантирана и неповратна.
„Тоа е уставна категорија која ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не! Владата веќе донесе одлука за трансформација на договорите на дело во трајни вработувања за околу 1.500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци. За ова сме горди,“ порача Меџити.
Останува да видиме дали СДСМ ќе реагира по оваа изјава на премиерот Мицкоски. Дали СДСМ конечно ќе упати пофални зборови кон Мицкоски бидејќи претхдоно бараше истото да биде одбиено.
Денеска Мицкоски најави и повеќе интернационални средби, а во петок средба со турскиот претседател Ердоган.