Премиерот најави затворање на првата фаза од кадровските промени
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во рамки на процесот за реконструкција на Владата се разгледуваат повеќе опции, вклучително и промени на ресори, но нагласи дека во овој момент нема да открива конкретни кадровски решенија.
На новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за изградба на новата детска градинка „Пролет“ во Козле, за тоа каде гледа слабости во Владата и што може да се менува по состаноците со коалициските партнери, Мицкоски рече дека разговорите се во тек.
„Благодарам на прашањето. Јас во интерес на процесот не би зборувал премногу околу конкретни кадровски решенија, имиња и слично. Се разгледуваат секакви опции. Во добра, пријатна атмосфера беше вчера состанокот. Се разгледуваат опции и за промена на ресори“, изјави Мицкоски.
Реконструкцијата доаѓа во фази, најавени промени и на локално ниво
Тој додаде дека првата фаза од процесот би можела да биде завршена во најбрз рок, по што следуваат нови чекори и на локално ниво.
„Така што мислам дека многу бргу ќе го затвориме овој прв дел од процесот, условно кажано првиот ешалон. Денеска ќе видиме со ЗНАМ, од 2 часот имаме и со нив состанок. Ќе разговараме отворено за сите добри страни, но и слабости“, рече премиерот.
Мицкоски појасни дека целта е процесот да се формализира во следниот период.
„Така што до крајот на следната недела, до крајот на јуни сето ова да го формализираме и најдоцна до 1 јули списокот да се најде во парламент пред парламентарците“, истакна тој.
Промени и во директорски позиции и партиски структури
Премиерот најави дека процесот нема да се однесува само на Владата, туку и на пошироката административна и партиска структура.
„Понатаму ќе продолжиме и во другите структури и на локално ниво. Ние имаме и на локално ниво прилично голема бројка на директори на јавни претпријатија. Имаме свое мислење за работата на тие луѓе, имаме места каде што можеме подобро, имаме места каде што сме исклучително задоволни. Такви се повеќето“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во втората половина на летото ќе следува и партиски процес.
„Во текот на летото, во втората половина на јули, ќе почнеме процес што би траел до крајот на септември на ажурирање на членството и ново зачленување во ВМРО-ДПМНЕ“, изјави премиерот.
Мицкоски заклучи дека процесот на реконструкција „суштински ќе промени многу нешта заклучно со крајот на летото“.
