Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека, по постигнувањето на договорот меѓу САД и Иран и падот на цените на нафтата на светските берзи, очекува следната недела да дојде до позначително намалување на цените на горивата.

Според неговите пресметки, со актуелната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на дизел-горивата би требало да остане иста или да се промени за околу половина денар, додека кај бензините се очекува зголемување од околу 1,5 до два денари.

Одлуката на РКЕ се базира на движењата од минатата недела

Мицкоски посочи дека одлуката што треба да ја донесе РКЕ се однесува на движењата на цените во текот на минатата седмица, додека цените на нафтените деривати од денеска почнале да се намалуваат.

– Според нашите пресметки, бидејќи престанува да важи кризната состојба и договорот е постигнат, очекувам цената на дизел-горивата да остане иста или да се движи во рамките на половина денар, додека кај бензините да има зголемување од околу денар и пол до два денари. Следната недела очекувам значајно намалување, бидејќи цените на нафтата и нафтените деривати на берзите драматично опаднаа – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека, патувајќи кон Битола, ги следел берзанските движења и дека цената на нафтата се движела околу 82 до 83 долари за барел.

Изјавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на фабриката „Бреинчајлд“ во индустриската зона Жабени во Битола.

Горивата во земјава остануваат најевтини во регионот

Премиерот нагласи дека земјава и понатаму има најниски цени на бензините и на дизел-горивата во регионот, што, како што рече, особено се забележува во Битола.

– Постојат бензински станици каде што прометот е зголемен за 50 проценти поради граѓаните од нашиот јужен сосед. Во изминатите три месеци достоинствено се справивме со состојбата. Во ниту еден момент немаше рестрикции на бензинските пумпи, ниту, пак, беше ограничен извозот. Напротив, овозможивме и граѓаните од соседните земји да полнат гориво кај нас – рече Мицкоски.

Тој додаде дека биле обезбедени доволни количества гориво, а цените во просек биле пониски за половина евро по литар во споредба со оние во соседните земји.

Договорот меѓу САД и Иран треба да стави крај на кризата

Мицкоски изјави дека, доколку договорот меѓу САД и Иран е конечен и со него се стави крај на неколкумесечната војна, тогаш земјава може да биде задоволна од начинот на кој се справила со енергетската криза.

Според него, станува збор за најголемата енергетска криза во последниот милениум, а институциите во изминатиот период работеле без предизвикување паника.

– Не очајувавме и не свикувавме панични прес-конференции, туку работевме и дојдовме до оваа цел – порача Мицкоски.