Премиерот тврди дека партиските интереси се ставаат пред реформите

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека дел од политичките партии, свесни за можен пораз на следните парламентарни избори, се обидуваат да го блокираат донесувањето на измените на Изборниот законик и со тоа, како што рече, да го попречат исполнувањето на Реформската агенда.

Говорејќи при посетата на Кавадарци, тој рече дека по вчерашниот состанок е сè помалку оптимист за можноста да се постигне договор.

„Очигледно е дека кај тие политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, постои страв и тие се обидуваат да го бојкотираат процесот за да не испорачаме десет од десет индикатори од Реформската агенда. Во ред девет од десет ќе има, а единствениот преостанат е Изборниот законик. Ние не сакаме тој да се носи со европско знаменце, ниту целиот процес да биде некако изнасилен. Мислевме дека имаме работа со зрели и одговорни луѓе кои се грижат за иднината на земјата, но очигледно е дека партиските интереси, партиското политичко мочуриште, финансиските интереси и некои други интереси се пред и над се ние тука не можеме да помогнеме, но по вчерашниот состанок се помалку сум оптимист“, изјави Мицкоски.

Говореше за предлозите на партиите

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека гласањето на дијаспората е стратешка цел, но посочи дека на состанокот биле изнесени, како што оцени, неприфатливи предлози.

„Едната позиција беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е позиција која некој ја поставува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица, од СДСМ ги знаете барањата и така натаму. Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. За тоа сме согласни. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем“, рече премиерот.

„Во демократија одлуките не се носат со консензус“

Според Мицкоски, принципот на консензус не е прифатлив начин за одлучување во демократски систем.

„Но принципиелно, никој не одлучува со консензус, освен во еднопартиски систем. Во демократијата, мнозинството ја носи одлуката. Тоа е суштината на демократијата. Ние не сме консензуална држава, ниту еднопартиски систем, па сите одлуки да се носат со консензус. Тоа е едното. Второ, мораме да најдеме начин. Ние на маса го претставивме и нашиот предлог – да се гласа по пат на пошта, со писма, како што тоа е овозможено во неколку десетици земји-членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме, се да прифатиме и една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми. Нека има, нека се рекламираат ако сметаат дека тоа им е важно, само да го донесеме Изборниот законик“, изјави Мицкоски.