По заминувањето на Таравари, премиерот остро: „Одбра страната на криминалот“

Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше по одлуката на министерот за здравство во заминување, Арбен Таравари, да ја напушти владината коалиција. Според Мицкоски, со овој потег Таравари се приклучува на, како што го нарече, „блокот од минатото“ – поврзан со криминал, корупција и злоупотреби.

Едниот блок е блокот на криминал, корупција, срам и пљачка. Тој блок коалицираше со криминални банди, се однесуваше безобзирно кон граѓаните, а членовите на тој блок го збогатија својот возен парк со луксузни автомобили како ‘мајбах’, додека граѓаните преживуваа од ден за ден. Купуваа и трговски центри. Тоа е блокот на кој се приклучи Арбен Таравари, изјави Мицкоски.

Од друга страна, како контрапункт, тој го претстави блокот на „чесните граѓани“ – визија за модерна, просперитетна и праведна Македонија.

Таравари поднесе оставка, неизвесност кај функционерите на Алијанса

Арбен Таравари самиот си поднесе оставка од министерската функција и изрази очекување дека и другите функционери од неговата партија ќе бидат разрешени. Меѓутоа, состојбата во редовите на Алијанса за Албанците останува неизвесна. Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, се огласи преку отворено писмо, во кое се дистанцираше од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но не прецизираше дали останува во Владата.

Денес сме на историска раскрсница. Ние сме гласот кој не минува преку Али Ахмети, ниту преку оние што не им го посакуваат доброто на Албанците, порача Фетаи.

Се зголемува притисокот врз Таравари, ВРЕДИ станува посилна

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, кој доаѓа од коалицијата ВРЕДИ, смета дека незадоволството од одлуката на Таравари ќе продолжи да расте.

Таравари ќе ги дружи Села и Ахмети во опозиција

Според него, сè повеќе функционери ќе се дистанцираат од поранешниот лидер на Алијанса за Албанците и ќе останат во власта за да не се вратат, како што рече, „во прегратките на Али Ахмети“.

„Револтот таму е многу голем. Наредните денови ќе видиме како ќе се развива ситуацијата“, рече Муртезани.

Таравари, пак, останува сè поосамен. Неговиот сопартиец Салим Сулејмани викендов поднесе оставка од сите функции, вклучително и од пратеничкото место. Со тоа, Алијанса останува без пратеничка група и само четири пратеници, додека коалицијата ВРЕДИ добива еден пратеник повеќе – вкупно 10.

Владата останува стабилна, порачува Мицкоски

Премиерот Мицкоски е дециден дека заминувањето на Таравари нема да го загрози парламентарното мнозинство и стабилноста на Владата.

„Маневрите на Таравари нема да нè ослабнат. Владата останува стабилна, а граѓаните ќе ја изберат иднината, а не минатото“, порача премиерот.