Во ВМРО-ДПМНЕ во тек се внатрепартиските анкети за избор на кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Лидерот на партијата и претседател на Владата, Христијан Мицкоски, потврди дека процесот е започнат и дека во некои општини очекуваат убедлива победа.
ЗАКАНИ СО БОЈКОТ: Ако нема заштита на правата на Албанците, нема да има локални избори, вели Османи
Мицкоски истакна дека ја следел синоќешната изјава на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во која се споменуваат анкети што предвидуваат предност за оваа партија.
„Ако навистина веруваат дека разликата ќе биде два и пол спрема еден, ќе бидат непријатно изненадени за шест месеци. Има општини каде што разликата ќе биде многу поголема – четири спрема еден. Една од тие општини е токму Свети Николе“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека оние што му ги презентираат анкетите на Филипче не му прават услуга. Го советуваше лидерот на СДСМ да се сврти кон реалните потреби на граѓаните наместо да конструира „измислици“.
„Првото нешто што треба да го направи е да им се извини на граѓаните во име на СДСМ . Да се извини за сите погрешни политики во изминатите години, за распродажбата на идентитетот, за корупцијата и понижувањето на Македонија“, истакна Мицкоски.
Локалните избори се очекуваат да се одржат за шест месеци. Во периодот што следува, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заврши процедурите за избор на своите кандидати.
Извор: Република