Ќе се изјасниме кога предлогот ќе стане официјален

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека засега не може да коментира конкретно за идеите околу т.н. „придружено членство“ во Европската Унија, бидејќи, како што рече, сè уште не станува збор за официјален предлог.

„Тие размислувања и тие идеи ние веќе ги слушаме подолго време, не би можел ништо да зборувам додека тоа не стане официјално. Канцеларот Мерц најави ваков развој на настаните уште на Берлинскиот процес, состанокот на Берлинскиот процес минатата година, есента“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека вакви идеи биле најавувани и претходно и дека очекува повеќе детали да се појават на претстојниот самит.

„Јас го коментирав уште тогаш дека ќе се случуваат нови предлози, нови можности во регионот… така што она што можам да го кажам во овој момент е дека љубопитни сме да дознаеме повеќе каква е идејата. Тоа претпоставувам ќе се случи на Самитот кој што ќе го имаме сега во Тиват, од 4-5 јуни. Јас ќе бидам таму и со нетрпение чекам да ги слушнам овие концепти и идеи. Отккао ќе имаме повеќе суштина, тогаш ќе можеме и да зборуваме во јавноста“, појасни премиерот.

Средбата со Кошта и разговорите со ЕУ

Осврнувајќи се на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Мицкоски нагласи дека разговорите биле конструктивни и пријателски, со цел изнаоѓање решение за отворените прашања со Европската Унија.

„Што се однесува до посетата на претседателот на Европскиот совет г-динот Антонио Кошта, можам да кажам дека ние имаме досега исклучително пријателски разговори. Разменуваме мислења, идеи. Секогаш бил конструктивен во насока да се изнајде решение за ова вештачко барање, билатерално барање кое што го има една членка кон Македонија“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека очекува продолжување на дијалогот и нови можности за приближување на ставовите.

„Се надевам во таа насока ќе продолжиме и во иднина и сигурен сум, на неговото присуство тука и за време на нашата билатерална средба а потоа и на работната вечера ќе можеме да размениме повеќе идеи, да видиме дали може и како да се надмине прашањето“, изјави премиерот.