Премиерот најави нови лекови и предупреди на одржливоста на здравствениот систем

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека промените во здравствениот сектор се одвиваат на ниво што, како што рече, „не се случувало со години па и со децении“, особено во делот на позитивната листа на лекови.

Тој најави дека во периодот што следи се очекуваат нови позитивни вести за граѓаните, со вклучување на дополнителни лекови.

„Очекуваме во месеците кои што следат, нови убави вести за македонските граѓани, со нови лекови кои што ќе бидат вклучени на позитивната листа“, рече Мицкоски.

Премиерот апелира на внимателен пристап во здравствениот систем

Мицкоски нагласи дека здравствениот систем е сериозен предизвик и дека бара внимателно управување и одговорно однесување од сите чинители.

„Мораме да бидеме свесни дека здравствениот систем е сериозен предизвик за сите нас и како таков мораме многу внимателно да се однесуваме кон него“, изјави тој.

Според него, ако системот се оптоварува континуирано, а истовремено се очекува висок квалитет на услуги, тоа не е одржливо.

„Ако ние континуирано продолжиме да го исцрпуваме на начин на кој што го исцрпуваме во моментот, а истовремено да очекуваме квалитетни услуги и квалитетен сервис тоа е просто невозможно“, додаде премиерот.

Повик за поголема одговорност кон јавниот интерес

Во својата изјава, Мицкоски порача дека е време за поголема колективна одговорност и заштита на јавниот интерес.

„Конечно е дојдено време да си го поставиме прашањето, што можеме ние да направиме за татковината, а не татковината за нас?“, рече тој.

Премиерот нагласи дека Владата ќе работи на заштита на интересите на граѓаните, но очекува ист пристап и од останатите чинители во системот, со цел подобро функционирање на здравството.