Проектот „Младински политики по мерка на младите“, кој го реализира организацијата „Про Локал“ од Битола, може да послужи како модел за креирање и спроведување младински политики и во другите плански региони во Македонија. Ова го оцени министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, при посетата на Битола.

Велковски нагласи дека младинските политики се меѓу приоритетите на Министерството и дека младите треба активно да учествуваат во процесите на донесување одлуки на локално ниво.

„Младински политики по мерка на младите“ е проект со одлични резултати и затоа ние го поддржуваме. Како модел е прифатливо решение и за другите плански региони во Македонија“, изјави Велковски.

Според министерот, искуствата и резултатите од проектот треба да се применат и во другите делови од земјата. Во тој процес значајна улога треба да имаат младинските совети, младинските канцеларии и младинските офицери, чија задача е да ја поврзуваат локалната самоуправа со младите.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека соработката меѓу Општината, младите и граѓанскиот сектор е значајна за развојот на градот и за создавање услови младите поактивно да се вклучат во општествениот живот.

„Наша намера е да ја отвориме вратата за младите, да им дадеме можност да се искажат, да ги извлечеме од пасивноста и неактивноста, да ги вклучиме во општествениот живот со нивни идеи“, рече Коњановски.

Тој посочи дека Општина Битола настојува подобро да ги согледа потребите и проблемите на младите, за тие непосредно да учествуваат во креирањето на локалните политики. Како важни цели ги издвои и задржувањето на младите во градот и враќањето на оние што живеат во странство.

Директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС Скопје, Александар Кржаловски, оцени дека проектот има дополнително значење бидејќи покажува оти граѓанските организации надвор од Скопје можат активно да придонесуваат во создавањето решенија и во соработката со локалната и централната власт.

Претседателката на „Про Локал“ Битола, Емилија Ѓероска, нагласи дека проектот се заснова врз сознанието дека младите не претставуваат еднаква и хомогена група. Според неа, можностите за нивниот личен и професионален развој зависат и од средината во која живеат.

Како дел од проектот е формирана регионална Платформа за млади, преку која биле креирани 24 мерки и локални политики приспособени на потребите на младите во Пелагонискиот регион.

На промотивниот настан биле претставени и препораки за измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики. Воедно, биле доделени награди за иновативни бизнис-идеи на млади од Пелагонискиот регион.