Девет скопски училишта и едно во Кавадарци, како и Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити и трговскиот центар „Ист гејт“ утрово добиле закана за поставена експлозивна направа, потврди Министерството за внатрешни работи.

„Денеска околу 9:30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на девет училишта, Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити и ТЦ ‘Ист гејт‘ е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, соопшти МВР.

Дојава за поставена бомба била испратена и во едно основно училиште во Кавадарци.