Уште една илустрација на незнаењето и непрофесионализмот што царува во МНР. По завршувањето на мандатот на амбасадорите кои не биле во работен однос со МНР, но и на професионалните дипломати од куќата по заминувањето во пензија, според закон им следуваат дипломатски пасоши до крајот на животот.
Но, во МНР при издавањето и покрај тоа што амбасадорската титула е доживотна, во новиот дипломатски пасош им се запишува „титулата“ Поранешен амбасадор. Така, од око, коментира претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат, Зоран Дабиќ.
Во продолжение неговиот коментар
Да потсетиме, Амбасадор е титула, добиена врз основа на образование, вештини и соодветно искуство. Тоа е лична титула, исто како што е случај и со професорите и докторите. Таа никако не смее да се менува или модифицира, особено не според арбитрерно мислење на било кој поединец.
Парадоксот станува очигледен кога некој од „поранешните“ повторно ќе стане амбасадор. Што се случува тогаш? Поранешниот повторно станува актуелен! Ќе се согласите дека е прилично несериозно.
Некој ќе рече дека ете тогаш и на министер или претседател треба доживотно да им стои звањето. „Кваката“ е токму тука. Министер, престедател и сл. не се титули, најмалку лични, туку се функции и звања кои се добиваат на определено време и се валидни само за време на вршење на функцијата. После тоа стануваат „поранешни“. Тоа се функции и звања кои во никој случај не се доживотно врзани за личноста.
Но, амбасадор е титула, а не звање. Титулата амбасадор е потполно иста како и титулите на доктор или професор. Каде имате видено поранешен доктор или поранешен професор? Во целиот свет тие се доживотно уважени.
Ваквата незаконска пракса во МНР треба да се смени најитно. Заради образот на Министерството за надворешни работи (чија работа се оценува и надвор во странство, како што самото име вели), заради дигнитетот на дипломатската професија која во Македонија упорно се турка во кал и на крај заради самите дипломати кои стигнале до врвот на кариерата и не е во ред некој да им го омаловажува или одзема постигнувањето, кое според закон и сите професионални узанси е доживотно.
Дајте да не ни се смее светот, вели амбасадорот Зоран Дабиќ.