Министерството им се заблагодарува на учениците и наставниците

Министерката Весна Јаневска и вработените во Министерството за образование и наука им упатија искрена благодарност на учениците, студентите, наставниците, професорите, стручните соработници и родителите за нивната посветена работа во 2025 година. Тие истакнуваат дека секој успех и постигнување во образованието е резултат на нивната вложена енергија и ангажман.

„Нашите ученици и студенти се радоста и гордоста на оваа земја. Тие го заслужуваат секој наш напор за да научат повеќе, да стекнат корисни вештини и животни способности што ќе им овозможат да бидат самостојни, креативни и одговорни граѓани. За сите нив, во годинава што изминува, ја зголемивме и зајакнавме поддршката, создавајќи услови за вклучување во образование на што повеќе деца, согласно нивните можности. Со поддршка од граѓанскиот сектор воведовме формално основно образование за децата кои се на подолгорочно лекување, а особена грижа беше посветена и на учениците со посебни образовни потреби“, пишува во честитката на Јаневска и МОН.

Нови учебници, дигитализација и инфраструктура

Во 2025 година се обезбедени нови учебници и наставни програми во повеќе одделенија, како и изработка на стратешки документи што го трасираат патот на развојот на образованието и науката.

„Направивме исчекор во дигитализацијата во образованието и услугите. За да ги користиме новите технологии како алатка за знаење, без опасности, промовиравме Водич за вештачка интелигенција, изработен со голема поддршка од академската фела. Ги подобривме инфраструктурните услови, вложувајќи подеднакво во сите региони на државата. Нови училишта, реконструирани објекти, нови спортски сали, а наскоро и реконструирани државни студентски домови. Науката стана приоритетна област во која се вложија најмногу средства досега, за поддршка на реализацијата на проекти од национален интерес“, наведува МОН.

Подобрени услови за наставниците и перспективи во 2026

Министерството додава дека наставниците и професорите добиле повисоки плати, како и нови можности за кариерен развој.

„Продолжуваме и во 2026-та. Со желби за здравје, успех и благосостојба, посакуваме Новата 2026 година – да биде година на знаење, надеж и заедништво“, стои во честитката од МОН и ресорната министерка Јаневска.