Реформите во основното образование се насочени кон зголемување на аналитичкото и критичкото размислување со што учениците полесно ќе може да направат разлика за тоа што не е во ред и што е правилно.
Ова било заклучено на панел дискусијата “Со заеднички сили за родова еднаквост – заложби и повратни информации”. Станува збор за дискусија која е дел од Глобалниот партнерски форум за сеопфатно сексуално образование организиран од УНФПА.
– Затоа во новата концепција за основно образование која ја имплементираме од септември едни од основните вредности се инклузивност, родова еднаквост и недискриминација за што наставниците поминуваат соодветна обука, а родовите стереотипи се отстрануваат од наставните материјали, истакна Санела Шкријељ, претставник на Министерството за образование и наука,
Како што се наведува во соопштението од Министерството за образование со вметнување на содржини за родовата еднаквост младите ќе учат за своите чувства, самодоверба, почитување, заштита од насилство и вознемирување, како и дека со овие наставни програми се обезбедува дополнителна вредност во градењето на младите, грижата за себе, нивниот интегритет и самодоверба.
– Ги учиме на емпатичност, грижата едни за други и почитување на различностите. Кога учениците ќе ги имаат овие информации уште од најмала возраст ќе ги знаат основните човекови права, но и ќе знаат да ги почитуваат правата на другите, рече Шкријељ.
На онлајн форумот за глобално партнерство, учествуваа над 50 претставници од државни институции, граѓански и младински организации и експерти од светот, стои во соопштението.