Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека постои можност да не биде постигнат нуклеарен договор со Иран. Како една од алтернативите, тој ја спомена можноста САД да ги уништат иранските капацитети за развој на нуклеарната програма.
„Можно е да нема нуклеарен договор. Можеби едноставно ќе биде потребно да се уништат нивните капацитети за тоа. Договорот можеби ќе почека нова администрација во Иран. Едноставно не знаеме“, изјави Рајт за „ABC News“.
Тој оцени дека за да се спречи Иран во развојот на нуклеарно оружје, потребно е да бидат уништени неговите способности за тоа.
„Мора да ги уништите нивните способности за тоа“, рече Рајт, додавајќи дека Иран изградил огромна инфраструктура за производство на ракети.
Според американскиот министер, Иран во моментов располага со ракети што ги користи при нападите, но повеќе нема капацитети за производство на нови ракети.
Рајт се осврна и на движењето на нафтата низ Ормускиот Теснец. Тој изјави дека седумдневниот просек на протокот во моментов надминува девет милиони барели дневно, што, според него, претставува највисок досега регистриран седумдневен просек.
Кога ќе се вклучи и нафтата што од регионот се извезува преку нафтоводите низ Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, вкупниот проток достигнува меѓу 13 и 14 милиони барели дневно.
Иран и САД во јуни, со посредство на Пакистан и Катар, потпишаа меморандум за разбирање. Со документот беа предвидени чекори за прекин на конфликтот, повторно отворање на Ормускиот Теснец и решавање на прашањата поврзани со економските ограничувања.
Оттогаш Вашингтон и Техеран меѓусебно се обвинуваат дека не ги почитуваат преземените обврски. Ормускиот Теснец останува една од главните спорни точки, а двете страни изнесуваат спротивставени тврдења за тоа дали пловниот пат е отворен, кој го контролира и дали е безбеден за комерцијалниот сообраќај.
На прашањето дали продолжувањето на бомбардирањето би можело да биде стратегија за спречување на Иран да развие нуклеарно оружје, Рајт одговори потврдно.
