Со обединувањето со ПОА треба да се финализира договорот меѓу македонската и српската црква. Целосната интеграција, според владиката Тимотеј, треба да се случи за време на Соборот на СПЦ на 14 или 15 мај.

Почна процесот на интеграција на Православна Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски во МПЦ-ОА. Ваквата информација ја потврди митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод.

Обединувањето е дел од договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА. Тимотеј вели дека се донесени неколку одлуки во однос на поделбата на епархиите, коишто ќе треба да се усогласат со СПЦ. Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој треба да почне на 14 – 15 мај.

Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА заседаваше во полн состав, со мал исклучок на неколку архиереи, кои се во странство и еден архиереј, кој не можел да дојде, но имал свое полномошно за да се гласа доколку има потреба.

Заокружувањето на тој процес ќе значи и формално згаснување на Православната Охридска Архиепископија и нејзина интеграција во МПЦ-ОА, што ќе биде историски чин на обединување кон конечната цел полноправно признавање на МПЦ-ОА како автокефална црква.

На минатогодишниот собор на СПЦ беше одобрено канонското единство со МПЦ-ОА, со што беше решен спорот, кој датира од 1967 година кога МПЦ се одвои од СПЦ.

На 5 јуни минатата година СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Скопје, со која Српската црква ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.