Уредувачкиот колегиум на МТВ и Институтот за политички истражувања од Скопје реагираа во врска со тврдењата на СДСМ и објавените документи со кои, наводно, се покажува дека анкетите објавени на јавната телевизија биле нарачани од ВМРО-ДПМНЕ.
„МТВ во никој случај нема да влезе во дневно-политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Јавниот сервис се соочува со неосновани напади за веродостојноста на тоа што се пласира“, се наведува во реакцијата од Уредувачкиот колегиум на МТВ.
Јавниот сервис ги отфрла сите неосновани напади за професионалноста и објективното известување, се вели во соопштението. Оттаму апелираат политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис.
„Како и до сега ќе продолжиме да работиме професионално, балансирано и согласно сите етички и професионални стандарди на известување. На крајот на изборниот процес ќе ги видиме извештаите кои досега кажувале дека работиме балансирано и професионално“, се додава меѓу другото во реакцијата.
Во рамки на емисијата „Објектив“, вели Уредувачкиот колегиум, се презентира испитување на јавното мислење за прашања поврзани со актуелната политичко–економска состојба и рејтингот на политичките партии. „Во истражувањето се вклучени две реномирани агенции (факт кои не се споенува во нападите кон нас) чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски, а во емисијата учествуваат и реномирани гости од општествено – политичкиот живот во Македонија. Наша определба и цел е ваков тип на емисии да има пред секој изборен циклус во државата“, велат од МТВ.
Институтот за политички истражувања (ИПИС) во реакцијата вели дека СДСМ изнесува невистина за изнесените невистини и најавуваат дека ќе ги преземеле сите правни средства, вклучително и тужби пред надлежните судови.
Во соопштението, со жалење констатираат дека дел од општествените чинители наместо да бидат корективен фактор кој ќе се бори и ќе ги сузбива лажните вести и дезинформации, тие во одредени случаи се и самите креатори или поддржувачи.
Во реакцијата појаснуваат дека ИПИС во соработка со МРТ спроведува серија истражувања во пресрет на претседателските и парламентарни избори.
„Оваа спработка е исклучиво врз база на договор меѓу ИПИС и продукцијата која е одговорна за овие емисии на МРТ без притоа да биде инволвирана каква било трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице“, велат од ИПИС.
Претходно, денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија објави документи со кои, како што велат од партијата, се потврдува дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“. ОД ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека документите се лажни и бараат извинување, а во спротивно најавуваат тужба за клевета.
Извор: Независен