Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски заедно со фондацијата Марко Божиновски промовираше нова сензорна соба за дечињата од градинката „Буба Мара“ во Аеродром.

Детската градинка „Буба Мара“ доби сензорна соба која е донација од Fondacija Marko Bozhinovski. Ова е проект кој ќе помогне дечињата да научат да комуницираат со светот околу нив во безбедна средина и на тој начин тие ќе ги градат нивните способности и самодоверба, напиша Муцунски на својот Фејсбук профил.

Тој додава дека станува збор за сензорна соба која е единствена од овој тип во Скопје и една од ретките во целата држава.

Таа е креирана по сите стандарди за инклузивно образование, а нејзиното значење е уште поголемо бидејќи се наоѓа во детска градинка, каде посветуваме сериозно внимание на важноста на раниот третман кај дечињата со атипичен развој.
Благодарност до фондацијата „Марко Божиновски“ за несебичното вложување во овој проект. Ова е уште една потврда за нашите заложби за забрзана инклузивност и поддршка на детскиот развој и учење, но и место каде името на Марко Божиновски ќе продолжи да живее, преку придонес за дечињата, придонес за подобра општина и подобар свет за сите, напиша градоначалникот на Општина Аеродром.