Незадоволство и револт меѓу редовите на Алијанса за Албанците

Министерот за европски прашања од редовите на коалицијата ВЛЕН, Орхан Муртезани, изрази уверување дека заминувањата од Алијанса за Албанците (АА), предводена од Арбен Таравари, ќе продолжат. Според него, револтот кај поддржувачите и функционерите на оваа партија е длабок и трендот што започна со оставката на пратеникот Салим Сулејмани е само почеток.

„Според наши неофицијални информации, тие ќе продолжат. Револтот кај сите поддржувачи, симпатизери, функционери таму е многу голем“, изјави Муртезани, коментирајќи ги случувањата во АА.

Муртезани додаде дека одлучноста на партиските структури да не завршат во „прегратките на Али Ахмети“ е поголема од калкулациите на лидерот Арбен Таравари.

За потсетување, оставка даде и неговиот најблизок соработник, Арбен Фетаи. Повеќе може да прочитате од веста во продолжение.

ТАРАВАРИ ИЗГУБИ УШТЕ ЕДЕН ЧОВЕК: Нема да дозволиме враќање на ДУИ

Оставка на Сулејмани поради зближување со ДУИ

Овие изјави доаѓаат по вчерашната оставка на пратеникот Салим Сулејмани, кој се повлече од сите партиски функции и од позицијата пратеник. Во своето обраќање, тој истакна дека влегол во политиката од чувство на одговорност и желба за промени. Тој напомена дека заради „сериозното отстапување од принципите“ од Таравари го натерало да ја напушти партијата.

Како причина го наведе зближувањето со Демократската унија за интеграција (ДУИ) пред претстојните локални избори. Според него тоа не е во согласност со вредностите на кои Алијансата за Албанците се залагала.

Муртезани изрази очекување дека и други пратеници и функционери ќе го следат примерот на Сулејмани. Според него јавноста ќе има можност да ги следи развојот на настаните во наредните денови.

Извор: 360 степени