Пријателството и соработката меѓу Македонија и Јапонија во фокусот на говорот

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, учествуваше на свечениот прием по повод Националниот ден на Јапонија – Роденденот на Неговото Височество Императорот.

– Ми беше особена чест да се обратам на свечениот прием и да ја истакнам важноста на нашето пријателство, кое се темели на заемна почит, доверба, споделени демократски принципи и силни врски меѓу нашите народи, изјави Муцунски.

Тој посочи и на придонесот на Македонија на ЕКСПО 2025 во Осака.

– Нашето учество на ЕКСПО 2025 е значаен момент за претставување на нашата култура, иновации и визија за одржлив развој пред глобалната публика, додаде министерот.

Во име на Владата, Муцунски упати честитки до Неговото Височество, до Царското семејство и до пријателскиот народ на Јапонија, нагласувајќи ја важноста на партнерството и соработката.

– Длабоко ја цениме улогата на Јапонија како принципиелен глобален лидер – држава која инспирира со иновации, одговорност и конструктивен меѓународен ангажман, заклучи министерот.