Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, потврди дека државата интензивно работи на пополнување на испразнетите места за шефови на дипломатско-конзуларните претставништва.
На заедничката прес-конференција со неговиот казахстански колега, Арман Шакалиев, Муцунски посочи дека голем дел од кандидатите веќе ја поминале владината седница одржана пред неколку недели. Сепак, јавноста ќе треба да почека на имињата поради дипломатскиот протокол.
„Имињата не можам да ги споделам бидејќи постапката е сè уште класифицирана. За сите се побарани агремани, за некои од нив имаме добиено одговор, и тоа е нормално во дипломатската практика“, објасни министерот.
Во меѓувреме, дипломатската мрежа функционира непречено бидејќи во државите каде сè уште нема амбасадори, функцијата ја извршуваат вршители на должност – искусни дипломати од редот на вработените во Министерството. Муцунски додаде дека целта е во најкраток можен рок да се постигне целосна пополнетост на сите амбасадорски и конзуларни позиции.
