Македонија отворена за дијалог, но загрижена за однесувањето на Софија
Од Самитот на НАТО во Хаг, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски испрати силна и недвосмислена порака до бугарските власти и европратеници, обвинувајќи ги дека нивното однесување во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија оди во прилог на интересите на Русија.
„Жалам што актуелната бугарска влада, а и бугарските европратеници, со своето дејствување – она што го гледаме во Брисел – влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот“, изјави Муцунски за Канал 5 директно од Хаг.
„Стабилноста на Западен Балкан најлесно ќе се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион“, додаде тој.
„Постапките на Бугарија се дел од загрижувачки тренд“
Муцунски истакна дека последните постапки на Софија не се изолирани инциденти, туку дел од поширока стратегија која, според него, води кон нарушување на регионалниот мир.
„Како можеме да ги надминеме предизвиците и да работиме за стабилизација на Западен Балкан? Секако преку дијалог“, подвлече министерот.
Тој изрази разочарување што, според последните информации, не се очекува да се одржи средба меѓу двете земји на маргините на самитот.
Владата подготвена за разговори на секое ниво
Муцунски јавно истакна дека Владата на Северна Македонија останува посветена на дијалог и соработка со бугарската страна и е отворена за разговор без разлика на рангот на средбата.
„Јавно порачувам, Владата е подготвена за средби на секое ниво, претседател со претседател, премиер со премиер, министер со министер. Така и ќе продолжиме да се однесуваме“, порача Муцунски.
Самитот фокусиран на глобалната безбедност
Во однос на темите што ќе се дискутираат на самитот, министерот наведе дека фокусот ќе биде ставен на безбедносната состојба во Украина и на Блискиот Исток, но и на други клучни глобални предизвици.