Министерството за внатрешни работи информира дека согласно одредбите од Законот за возила сите оние кои се водат како сопственици на возила за кои не ја продолжиле важноста на сообраќајната дозвола повеќе од две години, законски се должни да го одјават своето возило во МВР односно во регистрационото подрачје каде возилото се води во евиденција.
– Согласно пропишаните норми, сопственикот на возилото е должен да го одјави своето возило кај органот што го регистрирал доколку возилото е уништено, односно има статус на искористено возило, согласно прописите за заштита на животната средина; ако возилото е трајно изнесено надвор од територијата на Република Северна Македонија; ако возилото се регистрира во странство поради преселба на сопственикот на возилото или од други причини, појаснуваат од МВР.
Од МВР апелираат до граѓаните – сопственици на ваквата категорија возила, најдоцна до 31.12.2022 година да ја извршат законската обврска за одјава на возилата, согласно законската процедура.
– Доколку сопственикот на возилото не го одјави своето возило, Министерството за внатрешни работи ќе го избрише од евиденцијата на регистрирани возила и ќе преземе мерки за одземање на регистарските таблички на трошок на сопственикот на возилото, се наведува во соопштението од МВР.