Новата единица за сајбер безбедност ќе го заштитува дигиталниот суверенитет и ИТ-инфраструктурата на МВР
Министерството за внатрешни работи официјално ја промовираше новата единица за сајбер безбедност, формирана за заштита од современи дигитални закани. Министерот Панче Тошковски истакна дека ова претставува прв чекор од ваков обем во историјата на институцијата.
Во време на брза дигитализација и се поопасни и пософистицирани сајбер закани, Министерството за внатрешни работи презема стратешки и решителен чекор, за првпат во своето постоење, формира специјализирана Единица за сајбер безбедност. Оваа единица ќе биде клучен столб во одбраната на дигиталниот суверенитет на МВР како институција која управува со најголемиот и најсензитивниот обем на лични податоци на граѓаните на државата. Безбедноста на овие системи е прашање не само на институционален капацитет, туку и на државна стабилност и доверба на граѓаните. Сите активности на новоформираната единица се насочени кон унапредување на безбедноста и отпорноста на внатрешната ИТ-инфраструктура на самото Министерство, со фокус исклучиво на заштита на неговите информациски системи. За првпат, Министерството набави современа техничка и софтверска опрема за проактивно следење, детекција и превенција на сајбер напади, со што поставува темели на системска и долгорочна заштита, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски објасни дека единицата за сајбер безбедност ќе врши мониторинг и анализа на сите сајбер ризици. Ќе инсталира и одржува софтвери и системи кои ја гарантираат безбедноста на дигиталната инфраструктура на министерството.
Тој посочи дека оваа иницијатива е од клучно значење за јакнење на довербата меѓу институциите и граѓаните, бидејќи ги заштитува нивните податоци.
Според МВР, новата единица за сајбер безбедност воспоставува нов национален стандард. Модерната дигитална заштита што ја обезбедува, се смета за основа на долгорочната безбедносна стратегија на институцијата.
Во рамки на истиот настан, министерот Тошковски и деканот на ФИНКИ, проф. д-р Боро Јакимовски, потпишаа меморандум за соработка меѓу двете институции. Меморандумот предвидува размена на знаења и заедничко унапредување на кадрите во сферата на информациските технологии.
Оваа академска соработка треба да ја зајакне дигиталната трансформација на МВР и да обезбеди побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните.ѓ
Извор: Алфа.мк