Министерството за внатрешни работи потврди дека двете дипломатски возила што денеска беа опожарени пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје се во сопственост на дипломатското претставништво.
Пожарот бил пријавен во 12:13 часот
Според информациите од МВР, пожарот бил пријавен во СВР Скопје околу 12:13 часот, а настанот се случил на улицата „Златко Шнајдер“, пред зградата на бугарската амбасада.
Полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот.
Делумно опожарени „киа“ и „сузуки“
При извршениот увид било утврдено дека делумно се опожарени патнички возила од марките „киа“ и „сузуки“, кои се сопственост на амбасадата.
Во гаснењето на пожарот интервенирала скопската Противпожарна бригада со едно противпожарно возило и тројца пожарникари.
Нема повредени, случајот се расчистува
Во пожарот нема повредени лица, а огнот бил целосно изгаснат. Од МВР информираат дека се преземаат мерки за утврдување на причините и за целосно расчистување на случајот.
За време на полицискиот увид, неколку вработени во амбасадата биле пред објектот и разговарале со полициските службеници.
