Македонија има чуден однос кон своите иселеници и кон луѓето коишто заминале и заминуваат во светот по потрага по подобар живот, со намера еден убав ден да се вратат ако се создадат можности за тоа. Од една страна, од овие луѓе се бара да демонстрираат љубов и лојалност кон татковината, да инвестираат во своите родни краишта, да им испраќаат пари и помош на своите семејства, а понекогаш да мислат и на својата „национална кауза”. Од друга страна, кога доаѓа време граѓаните да изберат кој ќе ја води државата, Македонија на својата дијаспора ѝ поставува безброј административни и физички пречки, што ги обесхрабруваат иселениците да учествуваат во изборниот процес.
Македонскиот изборен модел е рестриктивен во практична, иако не нужно и во правна смисла. Иселеникот има право да гласа, но гласањето е врзано за регистрација и за физичко појавување на определено гласачко место во дипломатско-конзуларните претставништва. За човек што живее, на пример, стотици километри од најблискиот конзулат, тоа право може да биде и скапо и тешко остварливо.
Зачудува тоа што има луѓе во македонската политика и во општата јавност кои не чувствуваат ниту морална обврска да поддржат системски решенија што ќе им олеснат на македонските иселеници да го остварат своето право на глас. Коментарите од типот „таму кај што плаќаат даноци, таму нека гласаат”, или „ене кај е Германија, нека дојдат дома па нека гласаат”, покажуваат отпор до степен на отворена нетрпеливост кон нашинците што ги напуштиле своите огништа, најчесто не по своја волја и не заради леб преку погача.
Дали иселениците навистина не плаќаат даноци во Македонија?
А кога сме веќе кај прашањето кој, каде и колку плаќа даноци, редно е да се каже дека според податоци наведени во еден извештај на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима во 2025 година, нето приватните трансфери од странство кон Македонија во 2024 година биле проценети на 2,6 милијарди долари, односно 15,7% од БДП. Со сите резерви од методолошки аспект, кои опоменуваат сите трансфери да не се сметаат за строго „иселенички дознаки”, може слободно да се каже дека годишно во Македонија од странство се слеваат околу 2 милијарди евра или околу 15% од БДП. Тие пари се трошат тука, во нашата земја, се оданочуваат во локалниот промет и бездруго се еден од столбовите на македонската економска стабилност.
Значи, дури и ако го занемариме легалистичкиот аспект на темата, односно фактот дека секој македонски државјанин има право на глас, па се приклониме кон прилично спорната теза дека право на глас треба да има само тој што плаќа даноци, овие податоци неспорно покажуваат дека дијаспората има силен легитимен интерес да учествува во политичкиот живот на матичната држава. Луѓето што живеат во Германија, Швајцарија, Италија, Австрија, Австралија или во САД, на пример, не се отсечени од Македонија. Тие издржуваат семејства, градат куќи, праќаат пари за лекување, за школување, за свадби, за погреби, за арно и за лошо… Некои од нив инвестираат во татковината. Повеќето доаѓаат секое лето. Некои имаат намера еден ден да се вратат. Ретки се, но има случаи кога некои и се враќаат.
Со кое законско и морално право сите тие луѓе државата ги дискриминира и им го отежнува пристапот во политичкиот процес?
Во СДСМ може електронска регистрација, ама во Македонија не можело?!
Најмногу отпори во Македонија има кон идејата за електронска регистрација на избирачите и за електронско гласање. Чудно е што најжесток отпор кон оваа идеја пружа токму СДСМ, партија која уште во 2021 година воведе електронска регистрација на своето членство за внатрепартиските избори. Отпори има и кон идејата луѓето од дијаспората да гласаат по пошта.
Општо земено, критиките на идеите на дијаспората да ѝ се олесни гласањето не се потпираат на европските трендови и стандарди, ниту на некои објективни анализи кои би укажувале на неспремност на земјава да влезе во еден таков процес. Отпорот произлегува од проценката дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ традиционално ужива најголема популарност во иселеништвото и дека со новиот систем таа партија практично би се обезбедила статус на „вечен победник” на изборите.
Кои земји го ограничуваат правото на гласа за иселениците?
Во Европа, додуша, има земји кои го ограничуваат правото на глас за своите иселеници. Ирска и Данска, на пример, имаат рестриктивни модели за дел од иселените државјани. Ирските државјани што живеат во странство главно не можат да бидат во избирачкиот список, а исклучок се дипломатите и нивните сопружници. Во Данска правото да се гласа на парламентарни избори е поврзано за постојано живеалиште во Данска, со ограничени исклучоци. Тоа причината поради која иселените Данци најчесто не гласаат. Слични се моделите на Малта и на Кипар. Свеж пример на жестоко ограничување на правото на глас за дијаспората е Ерменија, која во 2026 воведе услов граѓанинот да престојувал во земјата најмалку половина од претходните две години.
Поголемата отвореност кон иселениците е преовладувачки тренд во Европа
Сепак, преовладувачкиот тренд во Европа не се рестрикциите, туку напротив, поголемата отвореност кон правото на глас за иселениците. Естонија е најнапредниот пример: нејзините државјани во странство можат да гласаат електронски, по пошта или лично во дипломатско претставништво.
Германија има построг, но уреден модел. Германците што живеат во странство не се автоматски запишани во избирачкиот список, тие мора да поднесат барање пред изборите. Но, откако ќе се регистрираат, гласањето се овозможува по пошта.
Слично е и со други европски земји. Италија, Шпанија, Австрија, Холандија, Шведска, Финска, Белгија и Велика Британија имаат различни облици на поштенско, конзуларно или посредно гласање. Франција оди уште подалеку и има посебно претставување на Французите што живеат во странство. Велика Британија, пак, во 2024 го укинато старото правило, според кое се губеше правото на глас по 15 години живот во странство.
Швајцарија широко го користи гласањето по пошта, вклучително и за Швајцарците што живеат во странство. Дополнително, дел од кантоните спроведуваат контролирани пилот-проекти за електронско гласање, иако засега тоа не е универзално право достапно за секој гласач во секој кантон.
Електронската регистрација на избирачите и електронското гласање се трајно решение
Македонија не е класичен случај на богата држава со мала, симболична дијаспора. Таа е земја со масовно иселување, силни семејни врски со странство и огромни приватни трансфери што ги стабилизираат потрошувачката, девизниот прилив и животниот стандард. Кога придонесот на луѓето надвор од земјата се мери со милијарди евра, тешко може да се смета за разумно државата да им каже дека нивното учество во изборите е добредојдено само ако можат да отпатуваат до најблискиот конзулат.
Постојат и технички и демократски решенија на иселените граѓани од Македонија да им се овозможи полесно учество во изборниот процес: полесна, електронска регистрација, подобра информираност, гласање по пошта, како и безбеден модел на електронско гласање како трајно решение. Секој од тие чекори може да се воведува внимателно, со засилени контроли, во пилот-фази и со прецизни рокови. Но, нема веќе смисла да се чека.
Можностите за електронска регистрација и за електронско гласање треба да се доживеат и во рамките на општиот тренд на дигитализација на јавните услуги. Треба ентузијастички да се совладаат отпорите кон новите технологии. Некој на социјалните мрежи го напиша следново: во денешно време, со лаптоп, со електронска фактура и со електронски потпис, човек може да купи автомобил или стан – а ние се расправаме дали може да гласа.
Технологијата не е бауч, туку можно решение на проблемите
И уште нешто. Дали се сеќавате кога Македонија успеа да ги совлада „бугарските возови”, „семејното гласање” и сите други безбројни можности за злоупотреба на правото глас, кои своевремено беа не само дел од изборниот „фолклор”, туку и причини за многу сериозни тензии и инциденти на избирачките места? Некои од тие инциденти завршија со жртви. Еден од клучните моменти беше воведувањето систем на електронска верификација на биометриските податоци на избирачите. Нешто што денес веќе за никого не е ни бауч, а ни политички проблем.
Затоа, луѓето од дијаспората треба да добијат нормален, современ и достоинствен пристап до правото на глас, што формално веќе го имаат, но практично им е неправедно ограничен. Тие луѓе со децении беа обесправени и политички дискриминирани во сопствената татковина. Еве, сега постојат и моментум и технички можности неразумните отпори да се совладаат и таа неправда конечно да се исправи.
