Агенцијата за управување со одземен имот става на продажба дури скоро 1.000 хаварисани возила, кои ќе се нудат во еден закупен пакет исклучиво за третман како отпаден материјал. Возниот парк од конфискувани предмети опфаќа патнички и товарни моторни возила, мотоцикли, трактори и приколки. Идните сопственици на овие предмети ќе имаат право само да го рециклираат собраниот метал.
– Предмет на продажба се вкупно 990 подвижни предмети –хаварисани возила (патнички и товарни моторни возила, мотоцикли, трактори, приколки) со третман на отпаден материјал кои се продаваат. Проценета на возилата е извршена согласно Проценките на Министерство за правда-Бирото за судски вештачења од 06.04.2026 година. Проценети се 990 возила на кои им е даден третман на отпаден материјал. Точната количина во килограми на возилата за старо железо ќе се утврди на денот на мерењето и документира со кантарски белешки по што ќе се изврши фактурирање со точните количини – се посочува во огласот објавен на веб страната на Агенцијата за управување со одземен имот.
Електронска лицитација е закажана за 21 август 2026 година, со почеток во 10 часот, а наддавањето ќе се одвива преку официјалниот портал на Агенцијата. Почетната продажна цена за килограм старо железо изнесува 13 денари без ДДВ, при што точната конечна сума ќе се пресмета со мерење на кантар при преземањето.
Правата за наддавање се резервирани за правни лица кои поседуваат соодветни дозволи за управување, собирање и преработка на овој вид отпад, а кои располагаат и со соодветна механизација, односно камиони со грејфер и преса за балирање.
– За сите возила почетната цена за продажба на електронското јавно наддавање изнесува 13 денари за еден килограм старо железо без ДДВ. Агенцијата за управување со одземен имот не е ДДВ обврзник. Депозитот за учество на електронското јавно наддавање изнесува 1.287.000денари. Претставува 10 проценти од вкупната ориентациона вредност хаварисаните возила и истиот се уплаќа на буџетска сметка. Понудувачот-купувачот во рок од 15 дена од заклучувањето на постапката за електронското јавно наддавање должен е да склучи Договор за продажба кој ќе го обезбеди со приложување на банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во износ од 1.930.500денари, по што ќе се пристапи кон преземање на подвижните предмети. Купувачот-превземачот се обврзува дека со преземените возила ќе постапи согласно Законот за управување со отпад, односно Законот за управување со дополнителни текови на отпад – се посочува во огласот.
Сите заинтересирани компании за учество во оваа масовна продажба на старо железо мора да уплатат депозит од 1.287.000 денари или 20.927 евра и да ја достават комплетната документација во затворен плик до архивата на Агенцијата најдоцна до 19 август до 14 часот.
Рок за поднесување на пријавите за учество на електронското јавното наддавање е до 19.08.2026 година, заклучно до 14:00 часот. Услов за потпишување на договорот со избраниот најповолен понудувач е да приложи Писмена банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот во износ од 1.930.500 денари, или 31.390евра. Овој износ претставува 15% од ориентационата вредност на предметот на продажба. Банкарската гаранција да биде со рок на важност до целосното извршување на договорот. Доставата на гаранцијата се извршува непосредно пред потпишување на Договорот за продажба.
Рокот за подигање на предметите изнесува 75 дена од потпишување на договорот за купопродажба. Сите трошоци во врска со преземањето на возилата од плацовите на Агенцијата за управување со одземен имот паѓаат на товар на купувачот.
