Најголем дел од граѓаните ги почитувале законските прописи при градењето, но според невладините организации на Шара има околу 90 дивоградби. Се очекуваше да се стави крај на бесправното градење со прогласувањето на Шар Планина за национален парк, но со новиот закон ќе се овозможи легализација во заштитени подрачја.
Градежниот инженер и граѓански активист, Валентин Тасески, вели дека ова законско решение е контрадикторно, односно дополнение на нашата општа неподготвеност да се справиме со дивоградбите. Според него веќе постоечките бесправно изградени објекти на Шар Планина нанесуваат големи штети, но позитивен исчекор е пенализирање на новите, како и измените во законот за градба, со кои инспекциската служба и секторот за урбанизам треба да биде присутен за да се спречи бесправното градење.
А според законот кој помина во Собранието, нема државно земјиште кое е заштитено од дивоградба. Покрај националните паркови опфатени се и природните резервати како и изворите на вода. Хациенди, базени, куќи, згради, доградби, надградби, и гаражи. Сето ова сега ќе може да се легализира. За викендичките и платформите на Матка, дивоградбите во трговските центри Мавровка и Бисер сопствениците ќе треба да платат 50 отсто повисоки комуналии и да станат легални сопственици.
Единствен исклучок е заштитениот појас на Охридското езеро, само поради статусот од Унеско.
Ако тоа не е доволно законот предвидува и запирање на започнатите уривања на дивоградбите и постапките за уривање како и сите активни кривични постапки.
Јавноста, невладиниот сектор, архитеките затечени и револтирани. Антикорупциска најави дека ќе го оспорат овој закон пред уставниот суд.