Агенцијата за азил на ЕУ (ЕУАА) денеска објави дека над 300.000 руски граѓани ја напуштиле Русија во текот на март 2022 година, по почетокот на инвазијата на Украина. Податоците на Агенцијата покажуваат дека најмногу руски емигранти отишле во земјите од Централна Азија и Јужен Кавказ, а потоа следат Турција и европските земји.
„Кога станува збор за барањата за меѓународна помош, барањата за азил поднесени од руските граѓани се удвоија во март во споредба со февруари и достигнаа бројка од 1.400, што е рекордно ниво од август 2018 година“, соопшти ЕУАА.
Агенцијата за азил на ЕУ наведува дека граѓаните на Русија во претходните месеци го почувствувале „економското влијание на инвазијата поврзано со санкциите и растот на цените“, но и доживеале „значителни ограничувања на слободата на говорот“.
Се оценува дека стравот од одмазда, гонењето за антивоени протести и законите за цензура се значителни притисоци врз мигрантите кои неодамна ја напуштиле Русија.