Црна Гора има најниски цени на кокаин и марихуана во регионот, што, според експертите, укажува на висока достапност и голема понуда на наркотични супстанции на нелегалниот пазар. Ова го објавува подгоричкиот весник „Побједа“, повикувајќи се на податоци од полицијата и изјави од стручни лица.
Иако борбата против дрогата со години се претставува како приоритет на институциите, бројките покажуваат сериозен јаз меѓу јавните пораки и реалните резултати. Во последните две години, црногорската полиција запленила вкупно само 68 килограми кокаин – 43 килограми во 2024 и 25 килограми во 2023 година. За споредба, во 2022 година биле запленети дури 500 килограми кокаин, што дополнително ја нагласува нерамномерноста на резултатите.
Според Полициската управа, во периодот од 2022 до 2024 година биле запленети вкупно 4.226 килограми наркотични дроги, од кои најголем дел е марихуана. Во истиот период биле запленети околу 568 килограми кокаин, додека нови видови синтетички дроги не биле регистрирани.
Извор близок до истрагите за „Побједа“ вели дека дрогата е поевтина од алкохолот и дека тоа директно влијае врз однесувањето на младите и возачите.
„Пет или десет евра за марихуана, дваесет евра за линија кокаин. Луѓето седнуваат зад воланот под дејство на дрога. Немаме доволно тестови за наркотици, инаку резултатите би биле уште поалармантни“, наведува соговорникот.
Секој втор тестиран возач – позитивен на дрога
Податоците на сообраќајната полиција го потврдуваат проблемот. Во првите три месеци од 2025 година биле тестирани 630 возачи за психоактивни супстанции, а кај 312 од нив резултатот бил позитивен – што значи дека речиси секој втор тестиран возач возел под дејство на дрога.
Најчесто откриени супстанции биле канабисот и кокаинот. Во истиот период, над 2.100 возачи биле затекнати под дејство на алкохол, а вкупно 886 лица биле лишени од слобода поради возење под дејство на алкохол или дрога. Меѓу нив имало и 321 млад возач или почетник.
Малолетници влегуваат во зависност уште на 12 години
Судскиот експерт Душан Распоповиќ, кој со години работи со зависници, предупредува дека употребата на дроги кај малолетниците започнува сè порано.
„Имаме деца кои веќе на 12 или 13 години развиваат зависност. Дрогата е лесно достапна, особено во близина на училиштата“, вели Распоповиќ.
Тој нагласува дека уличните дилери свесно ги таргетираат малолетниците, не само како корисници, туку и како посредници во продажбата.
„Ги користат затоа што казните за малолетници се поблаги. Тие разнесуваат дрога, а за возврат добиваат супстанции за лична употреба“, објаснува тој.
Дополнително загрижува фактот што, според експертите, многу млади луѓе започнуваат со трговија со дрога уште на 16-годишна возраст, најчесто во рамки на училишната средина.
И покрај повремените акции и заплени, соговорниците на „Побједа“ предупредуваат дека без системска превенција, поголем надзор и сериозни институционални реформи, Црна Гора ќе остане земја со евтина и лесно достапна дрога – со сериозни последици по јавната безбедност и здравјето на младите.
