Довербата по третпат ќе ја побара Љуљзим Баша, а по првпат во изборната трка се и Агрон Шехај, Фатбард Кадили и Едит Харџи, која е прва жена која се бори за лидерската функција

Изборот доаѓа во важен момент за партијата во чии редови постои разединетост, посебно по парламентарните избори на 25 април. Дел од демократите признаваат дека ги изгубиле парламентарните избори на 25 април и за тоа го обвинуваат актуелниот лидер Љуљзим Баша, барајќи оставка од него. Тој, пак, заедно со поддржувачите обвинува за „изборен масакр“ и најавува продолжување на битката за уривање на „ режимот на власт“.

Гласањето почнува во 7 часот, а гласачките места ќе бидат затворени во 19 часот.

-Имаме 71 општинска организација, а во пет од нив, поради поголемиот број членови, ќе има по две гласачки места. Во изборните комисии на секое гласачко место четворицата кандидатите имаат свој набљудувач. Во тек е дистрибуцијата на изборните материјали, а треба да гласаат 75.000 членови, информираше Јемин Ѓана, претседател на централната партиска изборна комисија.

Додава дека по пребројувањето на гласачките ливчиња, записниците ќе бидат доставени во седиштето на партијата, до главната комисија, која по верификацијата ќе ги соопшти резултатите.

Баша на чело на партијата дојде 2013 година откако по поразот на парламентарните избори се повлече Сали Бериша.