Најмалку 27 Палестинци се ранети во денешните судири меѓу израелските полициски сили и Палестинците во близина на џамијата Ал Акса во Ерусалим, соопшти палестинската Црвена полумесечина, додавајќи дека две лица се во тешка состојба.

Полицијата соопшти дека судирите почнале околу четири часот, кога Палестинците почнале да фрлаат камења и петарди врз храмот, пренесоа израелските медиуми.

Слични судири избувнаа минатиот петок додека муслиманите го одбележуваат светиот месец на постот Рамазан.

Рано утринава млади Палестинци фрлале камења врз полицајците на портата што води кон светилиштето, изјавија двајца палестински очевидци.

Полицијата потоа влегла во светилиштето во полна опрема и пукала со гумени куршуми и шок бомби.

Во полициското соопштение се вели дека полицајците се обидуваат да дозволат слобода на вероисповед и да го одржат мирот на светите места, а низ Ерусалим има луѓе кои го попречуваат јавниот ред.

На Евреите привремено им е забрането да го посетуваат местото каде што се наоѓа џамијата Ал-Акса, третата по важност во исламот, кое тие го нарекуваат Ридот на храмовите затоа што таму некогаш се наоѓале древните еврејски храмови и е најсвето во јудаизмот. Муслиманите светилиштето го нарекуваат Харам Ал Шариф (Возвишено засолниште).