Вашингтон ја стопираше планираната воена акција по сигнали од Техеран

Само неколку часа откако најави силен воен одговор против Иран, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека планираните напади за вечерва нема да бидат реализирани. Според него, одлуката е донесена по добиени уверувања дека разговорите со Техеран се префрлени на највисокото ниво на иранското раководство.

Веста доаѓа во период на зголемени тензии во регионот, откако претходно во текот на денот Трамп се закани со нови бомбардирања и најави преземање контрола врз островот Харг, кој претставува главен центар на иранската нафтена инфраструктура, објави Ројтерс.

„Врз основа на фактот дека преговорите со Исламската Република Иран се пренесени до највисокото ниво на иранското раководство и одобрени, јас, како претседател на Соединетите Американски Држави, ги откажав планираните напади и бомбардирања против Иран за вечерва“, напиша Трамп во објава на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social).

Повеќе земји дале согласност за договорот

Американскиот претседател наведе дека „преговорите и конечните точки“ веќе добиле одобрување од САД, Израел, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Турција, Пакистан, Бахреин, Кувајт, Јордан, Египет и други партнери.

Истовремено, тој посочи дека поморската блокада ќе остане во сила. Според неговите зборови, мерката ќе продолжи да се применува сè додека договорот не биде целосно финализиран.

Трамп нагласи дека блокадата и понатаму силно влијае врз сообраќајот низ Ормуската Теснина, која има значајна улога во регионалниот и глобалниот транспорт.

Претходно најави силни удари врз Иран

Неколку часа пред објавата за откажување на нападите, Трамп изјави дека САД ќе го погодат Иран „многу силно вечерва“.

Тој тогаш рече дека американската страна наскоро ќе ја преземе контролата врз нафтената и гасната инфраструктура, како и врз пазарите на оваа блискоисточна држава.

Таквите изјави следуваа по серијата наизменични напади во Заливот, кои дополнително го разнишаа и онака кревкото примирје во регионот.

Американскиот претседател најави и дека времето и местото на официјалното потпишување на договорот ќе бидат соопштени наскоро.