Сопругот кој вчера брутално ја претепа 42-годишната гостиварка е сместен во Психијатриската болница во Бардовци бидејќи имал нарушено ментално здравје, соопштија од полицијата. При приведувањето тој давал силен отпор, нападнал полициски службеници и повредил еден од нив.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека 52-годишникот е лице со нарушено ментално здравје.

„Исто така, при лишувањето, тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници и повредил еден од нив. За настанот е известен јавен обвинител, а М.М. бил спроведен во Психијатриска болница – Скопје. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, се наведува во официјалното соопштение на МВР.

Според информации од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), жената денеска е во стабилна состојба и не е интубирана. При приемот на клиниката ѝ биле констатирани две скршени ребра, парцијален пневмоторакс и тешки отоци на главата.

„На КАРИЛ синоќа во животозагрозувачка состојба по претепување од сопругот е жена од Гостивар родена 1984 година, со скршен череп, крварење во мозок, сериска фрактура на ребра, воздух во плевра и полупаднато едно белодробно крило, а сниман е абдомен поради тоа што сопругот ја клоцал во стомак. Јавен обвинител е известен и вршел разговор со жената синоќа“, соопштија претходно од Јавното обвинителство.

Министерството за внатрешни работи информираше дека 52-годишниот М.М. бил приведен вчера во 14:10 часот во гостиварско село. Жената во бессознание била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на натамошно болничко лекување.