И покрај енергетската криза и глобалниот раст на цените, засега не се очекуваат шокови. Според меѓународните финансиски институции, следната година треба да се стабилизира енергетскиот сектор.
Од Народната банка велат дека будно ја следат ситуацијата и доколку е потребно ќе се интервенира со инструментите што им стојат на располагање за да се задржи макроекономската стабилност.
– Будно ги следиме состојбите особено кај енергетскиот сектор и кај глобалниот раст на цените, но засега не се очекуваат шокови. Се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на вчерашната прес-конференција на која беа презентирани најновите макроекономски проекции.
Народната банка очекува закрепнување на македонската економија со раст од 3,9 проценти за оваа и за следната година, додека на среден рок се очекува умерено забрзување. Дефицитот се очекува да остане во умерени рамки на ниво од 3,8 проценти, а на среден рок да изнесува околу два проценти од БДП, слично на преткризното ниво.
Ризиците за растот се претежно надолни, но според алтернативното сценарио, со кое се предвидува помала странска побарувачка, поголема воздржаност од потрошувачка и инвестиции на домашните субјекти, растот би бил помал во просек од 1,2 процентни поени за периодот 2022-2023 година. Како позитивен ризик, пак, се сметаат ефектите од Планот за забрзан економски раст кој не е земен предвид во проекциите.
Од друга страна, Државниот завод за статистика излезе со информација дека во октомври се зголемени трошоците на живот за 0,5 проценти во однос на септември, а за 4,1 процент во споредба со октомври лани, додека цените на мало се задржале на исто ниво како и во септември, но се зголемени за 6,1 процент во однос на октомври минатата година.
Поради зголемување на животните трошоци, подолг период и Сојузот на синдикати на Македонија бара итно зголемување на платите, како и зголемување на минималната плата за најмалку 60 проценти од просечната плата.
Во земјава од вчера е прогласена и кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена. Одлуката е донесена на владина седница на предлог на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија. Од Владата уверуваат дека нема да има никакви рестрикции за граѓаните и за компаниите.
-Единствена цел на прогласувањето кризна состојба е подобрување на ликвидноста на енергетските компании за да можат континуирано да ги снабдуваат домаќинствата и да се стабилизира состојбата на пазарот со електрична енергија. Нема да има никакви рестриктивни мерки за граѓаните и компаниите, рече министерот за економија Крешник Бектеши на вчерашната прес-конференција.
На енергетските компании ќе им бидат трансферирани околу четири милијарди денари од Буџетот, а, како што рече Бектеши, се работи и на тоа да бидат ставени во функција сите енергетски капацитети во земјава со цел да се зголеми домашното производство на електрична енергија со цел да се спречат поголеми ценовни шокови за домаќинствата и за малите потрошувачи. Во тек е еваулација на пристигнатите понуди за набавка на јаглен за потребите на третиот блок во РЕК Битола, а ТЕЦ Осломеј треба да биде ставен во функција од 1 декември. Во РЕК Битола, како што вчера соопшти Бектеши, е вклучен Блок 1, а за неколку дена треба да биде ставен во функција и Блок 2.
Според Бектеши, треба да има одговорност за состојбата, односно да се утврди кој потфрлил и зошто, но смета дека најважно во моментот е справувањето со енергетската криза.
-Мое лично мислење е дека треба да има одговорност, но првично треба да се справиме со енергетската криза, а потоа ќе зборуваме и за конкретна одговорност кој потфрлил и зошто, рече Бектеши, додавајќи дека на вчерашната владина седница не било разговарано за евентуална оставка на генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.