Насилство пред Владата и Парламентот
Вечерниот протест на албанската опозиција заврши со сериозни инциденти пред Владата и Парламентот. Демонстрантите, по обраќањето на лидерот Сали Бериша, се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, оштетија дел од металната ограда и фрлаа молотови коктели и протехнички средства кон владините објекти.
Полицијата постојано ги повикуваше демонстрантите да се оддалечат и да престанат со насилството, по што користеше водни топови и солзавец за да ја смири ситуацијата.
Повредени и жестоки обвинувања
Најтензично беше пред Парламентот, каде десетина полицајци, медиумски работници и неколку демонстранти се повредени од запаливите средства.
Во својот говор, Бериша повтори критики кон премиерот Еди Рама:
„Се собравме во најкритичниот момент за Албанија во последните 30 години. Цел свет знае дека изборите на 11 мај беа манипулација, затоа мора да ја добиеме битката за слободни избори и отстранување од власта на најголемата закана – дикатаурата на Рамадуро, идентична со онаа на Сталин и Енвер Хоџа. Албанија не е приватна сопственост, туку аманет. Сега е моментот да кажеме доста на оние кои украдоа милијарди евра, да ставиме крај на депопулацијата на младите. За време на неговото владеење тој од земјата истера над милион млади. Затоа војната продолжува до последната битка.“
Тој се осврна и на барањето на обвинителството во Хаг за 45 години затвор за лидерите на ОВК:
„Тие се невини и таму треба да одат српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот слуга Еди Рама.“
Генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока, порача дека протестите ќе продолжат до заминување на актуелната влада и спроведување на слободни избори.
