Актуелната влада по речиси 28 месеци работа успешно се справува со енергетската криза и ги заштитува државните интереси без ниедна регистрирана корупциска афера. Институциите воспоставија поголема безбедност за граѓаните на јавните простори, но мерките против криминалот треба да продолжат со уште поголема решителност. Овие ставови беа изнесени за време на гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.

„Ние сме влада трета година, некаде околу 28 месеци поминаа откако бевме избрани како влада. Не постои ниту една афера која е поврзана со оваа влада. Ги браниме државните интереси, прилично вешто се снаоѓаме во услови на, би рекол, тивка, невидлива Трета светска војна како резултат на енергетската криза и кризата на финансиските пазари која предизвика и социјални немири во голем дел од европските метрополи“, изјави Мицкоски.

Владините институции постапуваат дисциплинирано и без надменост, насочувајќи ги напорите кон создавање сигурна средина низ сите градови во државата преку сузбивање на организираните криминални групи.

„Цениме дека сиот оној криминал кога децата се плашеа да излезат на улиците во Скопје затоа што некои банди ги беа запоседнале кафулињата и на тој начин ги малтретираа, сега може слободно да се движат и во центарот на градот и во кое било место во Скопје, но и во другите градови во Македонија. Направивме многу акции со кои ставивме точка на криминалот во многу области. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба да биде уште поробусно сето тоа? Да, се сложувам дека треба да биде. Но, дали е подобро од пред 3 или 4 години, кога разноразни мафии и банди именувани според некои рурални населени места од околината на Скопје царуваа низ Скопје? Е многу подобро“, потенцира Мицкоски.