Агенцијата за храна и ветеринарство досега успеа да залови вкупно 96 говеда на подрачјето на Општина Крива Паланка. Од институцијата информираат дека интензивно се работи на изнаоѓање долгорочно и одржливо решение на овој долгогодишен комунален проблем, во тесна координација со локалната самоуправа и останатите ресорни институции.
Главни пречки на теренот претставуваат исклучително тешко пристапните планински предели, но и континуираните опструкции што ги прават поранешните сопственици на добитокот при обидите животните безбедно да се соберат.
„АХВ спроведува активности за решавање на проблемот со говедата, односно нивно заловување и покрај предизвиците со кои се соочува – непристапен терен и опструкции од поранешните сопственици. Се работи на изнаоѓање соодветно одржливо решение за решавање на овој проблем со координација и соработката со сите надлежни институции, вклучително и со локалната самоуправа, со цел заедничко преземање соодветни активности и изнаоѓање решение во рамки на законските надлежности на секоја институција, водејќи сметка за заштитата на здравјето на луѓето и благосостојбата на животните“, истакнуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, претходно упати официјален апел до Владата и АХВ за итно изнаоѓање законски механизми со цел конечно отстранување на добитокот од јавните површини. Тој потенцираше дека граѓаните со години трпат сериозни материјални штети, додека правосилните и извршни решенија за одземање на животните кои датираат од пред повеќе од две години, сè уште не се целосно спроведени во пракса. Заедно со група засегнати граѓани, градоначалникот поднесе и кривични пријави поради сомнежи за злоупотреба на службената должност, неспроведување на извршните решенија и загрозување на здравјето и безбедноста на населението.
„Бараме да се испита одговорноста на надлежните службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот. Поднесовме и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, како и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат поради неспроведувањето на решенијата“, напиша Митовски.
