Пожарникарите интервенираа на повеќе локации, а невремето предизвика штети и во земјоделството

Краткото, но силно невреме проследено со пороен дожд и силен ветер што попладнево го зафати Струмичко предизвика повеќе пожари и материјална штета. Екипи на Територијалната противпожарна единица Струмица интервенираа на неколку локации, додека ветерот оштети посеви и пластеници во повеќе села.

Интервенции во неколку села и во Струмица

Како што информираа од ТППЕ Струмица, пожарникарите интервенирале во селата Моноспитово, Куклиш и Градско Балдовци, каде што се запалиле електричен столб и кабли.

Интервенција имало и на улицата „Климент Охридски“ во Струмица, каде било зафатено од пожар електрично броило.

Во населеното место Банско пожарникарите отстраниле паднато дрво од коловозот, а во селото Дорломбос интервенирале при гаснење шумски пожар.

Од ТППЕ Струмица соопштија дека сите пожари биле навреме локализирани и целосно изгаснати, со што било спречено нивното понатамошно ширење и предизвикување поголема материјална штета.

Ветерот оштети посеви и пластеници

Според информациите од селата под планината Беласица, невремето предизвикало штети и во земјоделството.

Оштетени се посеви на отворено со лубеници во селата Колешино и Борисово, а штети се пријавени и во други населени места, каде што силниот ветер оштетил пластеници.