Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство одзедоа околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо, како и месни подготовки, при спроведени вонредни контроли на територијата на Радовиш. Целата запленета количина ќе биде транспортирана и уништена на депонијата „Дрисла“.

Вонредните инспекции биле извршени во малопродажни објекти за месо и преработки во Општина Радовиш, но и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште. Утврдено е дека лицето вршело нерегистрирана и неодобрена дејност, односно произведувало и дистрибуирало димени месни производи и чварки преку социјалните мрежи.

При контролата на нелегалниот погон во Пепелиште биле одземени дополнителни 50 килограми сувомеснати подготовки, меѓу кои печеница, кулен и димена сланина. За сите пронајдени производи немало соодветна декларација за потекло, а храната се подготвувала и чувала во нехигиенски услови кои претставуваат ризик по здравјето на граѓаните.

