Средбата се одржа во рамки на заедничката седница меѓу владите на Македонија и Косово.
Во фокусот на средбата беше квалитетно поврзување меѓу двете земји со посебен акцент на патното и железничкото поврзување.
Заменик претседателот и министер за транспорт Николоски истакна дека Македонија е влезена во силен инвестициски циклус во изградба на модерна патна и железничка мрежа, притоа потенцира дека не се отстапува од автопатско поврзување меѓу двете земји. На средбата исто така се отвори и темата за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај и изградба на заедничка железничка станица.
„Имаме добри билатерални односи со Косово и тоа се потврдува со денешната заедничка седница меѓу двете Влади. Косово е наш сосед, економски значаен партнер и мораме заеднички да работиме на регионалниот развој и соработка. Со министерот Алиу разговаравме за заеднички проекти како би го забрзале економскиот развој на регионот и ќе придонесеме за подобра комуникација, олеснување на транспортот и создавање на подобри услови за граѓаните и компаниите“-истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
На средбата се раговараше и подобрување на условите во патниот транспорт и превозот на патници.
Министрите се согласија на интензивирање на соработката и унапредување на политиките што се однесуваат на регионалното поврзување.