Како што беше кажано Националниот совет е едно исклучително значајно тело во европскиот процес, односно во интеграцијата на Македонија во ЕУ. Претставува едно тело кое што ги обединува и власта и опозицијата во Собранието, но исто така и различните општествени чинители, тука се претставници секако на Владата, тука е Кабинетот на претседателот на државата, но тука се исто така и стопанските комори, синдикатите, тука е граѓанскиот сектор, секако тука се верските заедници, тука е македонската академија на науки и уметности. Значи еден широк опсег на сите оние кои што значат нешто во општеството, истакна Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Клучната улога на Националниот совет е секако дизајнирана во периодот кога Македонија ќе ги започне преговорите за членство со Европската Унија. И доволно е мислам да кажам, да го истакнам парадоксот во овој момент дека Националниот совет е дизајниран во 2008-тата година, а се уште правилно не профункционирал. Што практично го оцртува целиот оној пат, или онаа траекторија на желбата за почеток на преговори, но фактички тоа не се случува.
Во 2008-тата година, Македонија првпат доби препорака да започне преговори, еве сме 2022 година, а Македонија за жал се уште не ги почнува преговорите. И практично Националниот совет е надвор од својата полна функција. Она што е добро, што секогаш го води опозицијата и на тој начин можеби може да се создава еден поголем консензус, така што се надевам во скоро време ќе може Националниот совет да профункционира целосно, дали додека јас претседавам со истиот, или додека некои други ќе претседаваат со него.
Ова е ретка можност и еве како претставник на ВМРО-ДПМНЕ, на опозицијата, да се обратам и можам да се заблагодарам и за таа можност. Мислам дека ќе беше многу покорисно да одредени дебати се случуваа и пред летото, ова лето кое што помина, 2022 година со цел да можат многу подобро и консензуално некои работи да се донесат. Но, за жал тоа не се случи.
За обичните граѓани членството во Европската Унија се сведува на две работи, се сведува на економска состојба и подобар живот, и се сведува на функционална правна држава. Во моментов за жал ги немаме ниедна од двете. За голем дел од граѓаните ова станува далечна желба. Голем дел од граѓаните решаваат да ја напуштат државата. А, за жал ентузијазмот во однос на проширувањето на Европската Унија се повеќе и повеќе опаѓа. Се уште е висок, се уште значаен дел од граѓаните веруваат дека Македонија еден ден ќе стане членка на Европската Унија, но тоа е далеку помало од она што беше во минатото. Што е веројатно е обострана одговорност и на Македонија, но исто така и на Европската Унија. Мислам дека се потребни посилни сигнали за целиот регион и во таа насока морам да кажам дека не звучат охрабрувачки кога ќе се слушнат високи претставници на земји членки на Европската Унија кои што кажуваат дека е толку со проширувањето, дека Западниот Балкан нема перспектива или дека прво треба Европска Унија да се реформира, па после тоа да се размислува за проширување.
Особено во услови кога Македонија има свој уникатен пат на пристапување на Европската Унија, кој што е далеку поразличен од било кој пат на било која земја членка која што станала членка на Европската Унија или која што посакува да стане членка на Европската Унија. Ќе се согласите дека ваков притисок од соседите каков што Македонија чувствувала и чувствува прво од Грција,а сега за жал и од Бугарија, ниедна друга држава немала во процесот на проширување. Напротив тие секогаш биле поддршки, тука еве слушаме дека Словачката република навистина помага во однос на организацијата на овој настан, но и на работата на европското движење. Тоа е еден добар пример од Централна Европа каде што државите се поддржуваа меѓусебе за членство во Европската Унија. Ако сакате бевме и во иста заедница во минатото со Словенија, може да се види нејзиниот пример каде што нејзините соседи силно ја поддржаа за членство во Европската Унија, што за жал не е случај со Македонија, рече Николоски и додаде:
„Кога ќе ги погледнеме работите дома, она што најмногу ми пречи е обојувањето црно и бело, односно користењето на процесот на европски интеграции за внатрепартиска политика па можеме често да слушнеме дека едни се про ЕУ, а други се анти ЕУ, едни се прозападни, а други се антизападни, што мислам дека е злоупотреба на целиот овој процес, затоа што помеѓу главните политички партии во Македонија апсолутно не постојат разлики и постои консензус во однос на проширувањето на Европската Унија. Не постои посериозна политичка партија во Македонија која што е против членство на Македонија во Европската Унија. И затоа мислам дека тој дискурс треба да се тргне надвор од дневната политика.
Во таа насока мислам дека не е било кој политичар многу про ЕУ доколку во исто време додека од една страна се зборува за европска интеграција, од друга страна се руши системот, корупцијата расте, и нема функционално владеење на правото и функционална држава. Не мислам дека про ЕУ оди во исто време со про корупција. И ако ми дозволите корупцијата се спушти на најниско можно ниво, сега веќе не зборуваме само за корупција на високо ниво и високо профилирана корупција, корупцијата за жал ја има во секој сегмент на општеството. Поразговарајте со било кој граѓанин, ама да не знае кој сте и што сте, за да може поотворено да ви зборува и ќе ви каже дека Извод од матична книга не можат да извадат ако немаат пријател, Извод од катастар не можат да извадат, ако комшивката не работи во Катастар и на доктор не можат да си закажат ако немаат братучед, роднина или комшија кој што работи во некоја здравствена установа. Тоа е тажната вистина за она што се случува во моментов.
И последното со кое што сакам да завршам е се надевам дека вакви конференции во следниот период ќе помогнат многу повеќе за да ја намалиме поларизацијата која што е високо присутна во општеството. Тоа е една поларизација по сите основи, не само во политичка основа. И се надевам дека во следниот период заеднички ќе можеме да работиме барем на една сериозна деполаризација и како би можеле да имаме порелаксирани односи.
И би сакал да посакам успешна работа и се надевам дека за скоро време ќе зборуваме и за преговори за членство, а зошто да не и за членство во Европската Унија“.