Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, реагираше на објавен наслов од „Слободен печат“ поврзан со негово интервју, оценувајќи дека станува збор за извадена изјава од контекст и за манипулација.
Во реакцијата објавена на социјалните мрежи, Николоски наведува дека интервјуата се даваат за да се гледаат или читаат целосно, а не од еден сегмент или збор да се извлекува наслов кој, според него, не одговара ниту на кажаното во интервјуто, ниту на контекстот.
„За жал се вади еден сегмент или збор и од тој збор се вади наслов кој не соодветствува ниту со тоа што е кажано во интервјуто, ниту со контекстот“, напиша Николоски.
Тој посочува дека во истото интервју зборувал и за тоа како претходно била злоупотребувана негова изјава за Албанија, како и дека објаснил како, според него, работите биле вадени од контекст.
„Единствено имам проблем, не со Вас туку со Ваши колеги новинари, кога од сè ова што кажувам ќе ми извадат наслов од пет збора и комплетно ќе отиде контекстот во друга насока“, цитира Николоски дел од својата изјава.
Во продолжение, тој нагласува дека Европската унија, според него, останува број еден партнер на регионот и на Македонија, како и дека местото на земјата е во ЕУ. Николоски додава дека Владата работи на тоа и дека не случајно посветува многу време и енергија на Планот за раст и на реформите предвидени со него.
„Сè друго е спин и манипулација“, порача Николоски во реакцијата.
