Не смееме 50 илјади граѓани, семејства да ги оставиме без покрив над глава и ние мора да носиме одлуки, решенија на проблемите кои се генерациски, кои некој ни ги остави. Како што беше прашањето со името и многу други за кои влегуваме во нивно решевање и во овој поглед решенијата се или рушење на дивоградбите или соодветна правна законска рамка.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Николовски рече дека сега слуша оти шефот на државата не го потпишал Указот.

Секако дека СДСМ ги штити сиромашните, ранливите категории и во ниту еден случај нема да ги руши тие објекти. Меѓутоа треба низ соодветна постапка со вклученост на сите да се наоѓаат законски, легални и соодветни механизми на решавање на ова и на многу други прашања кои ни ги оставиле во наследство храбро да ги решаваме и да ја трасираме оваа земја напред, нагласи Николовски.

Според него, формално-правно е прашањето што понатаму, како и кој било друг закон.

Кога претседателот нема да го потпише се враќа во соодветна процедура, владина или собраниска и секако дека сите забелешки во секој поглед треба да бидат земени предвид при носењето на новите одлуки и законски решенија, изјави Николовски.

Тој денеска ја прими првата доза на вакцина за заштита од коронавирусот.