На Бруклинскиот мост во Њујорк синоќа беше одбележана една година од првиот смртен случај од последици од Ковид-19 и беше одржан виртуелен помен за околу 30.000 жртви во пандемијата во градот.

Церемонијата почна со настап на Њујоршката филхармонија, а цело време беа проектирани фотографии на жителите на Њујорк кои го загубија животот во пандемијата.

Градоначалникот Бил де Блазио изјави дека бројот на жртви од Ковид-19 во Њујорк е поголем од изгубените животи во Втората светска војна, во Виетнам, во терористичките напади од 11 септември и во ураганот Сенди заедно.

Според научниците вирусот повеќе недели циркулирал во Њујорк, пред 2 март 2020 година кога беше потврден првиот случај.